Астероид поголем од „Бурџ Калифа“ утре поминува близу Земјата

од Vladimir Zorba
316 прегледи

Астероидот, кој патува со брзина од 94.000 километри на час и е широк 1,4 километри, утре ќе помине покрај Земјата, а НАСА го класифицираше како „потенцијално опасен“.

Астероидот наречен „2016 АЈ193“ ќе се приближи до Земјата во 17.10 часот по средноевропско време, а астрономите на НАСА ќе го набљудуваат во периодот од 20 до 24 август со помош на радар, пренесува порталот „Firstpost“.

Станува збор за астероид со средна големина и ќе помине покрај Земјата на растојание од 3,4 милиони километри, што е, астрономски гледано, доста близу, поради што НАСА го карактеризира како „потенцијално опасен“.

За поживописен приказ, овој астероид е 1,5 пати поголем од „Бурџ Калифа“, повеќе од три пати поголем од Емпаер Стејт Билдинг и повеќе од 4,5 пати поголем од Ајфеловата кула.

Астероидите, според овој портал, отсекогаш биле причина за загриженост за астрономите ширум светот.

Слични содржини