Атанасоски: На гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ им е поважно да слушаат за апстрактни „победи“ во однос на историјата и споровите со соседите, но да живеат во една фатаморгана и делузија

Проблематизирањето на и онака влошените односи со Бугарија ќе донесе невидени конфликти и од денешна перспектива „францускиот предлог“ ќе ни се гледа како идеално решение во децениите кои следат, вели аналитичарот Атанасоски за „Локално“

од Nikola Popovski
368 прегледи

Локалните избори се сè поблиску, а партиите и властите веќе почнуваат да трчаат на терен. Премиерот Христијан Мицкоски на 34-тата годишна Конференција на УМС на ВМРО – ДПМНЕ порача дека сосема е извесна победата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и дека има шанси СДСМ да остане и без една освоена општина. Сепак во продолжение на своето обраќање покажа и мала претпазливост, велејќи дека „следните два изборни циклуса – локалните избори што следат и парламентарните избори – кога и да се одржат, ќе бидат борба за две големи работи од кои зависи иднината на земјата“. Останува простор за размислување дали со оваа порака Мицкоски покажува отстапки од неговото „победуваме со 100:0“? За дел од јавноста, премиерот најверојатно сака да го држи мобилизирано членството, бидејќи како ќе одминуваат годините до идните избори (парламентарни пред се), ќе се зголемува разочарувањето од големите нереализирани ветувања. Оттука, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека оваа порака се однесува повеќе за идните парламентарни избори, бидејќи ако владејачката партија падне во апсолутен број на гласови, веројатно ќе зависи од пратениците на ДУИ за идна влада, а тоа е смртоносно во овој даден момент за премиерот и партијата.

-Инаку, што се однесува до локалните избори, апсолутно, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен фаворит и најверојатно ќе победи во сите општини низ Македонија, не толку поради рејтингот кој го има, туку поради дефакторизираноста и грогираната опозиција, која никако не може да се соземе после историскиот и катастрофален пораз од минатогодишните парламентарни избори на 08 мај, вели Атанасоски во разговор за „Локално“.

Дел од актуелниот политички настани е и извештајот на ЕП за Македонија, кој беше одложен. Запрашан дали очекува националните теми да бидат главен мотор за ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори, соговорникот потврдува, со оглед дека станува збор за десна партија која се храни од такви теми, односно нејзиното гласачко тело се катализира преку нив. Односно, како што вели Атанасоски, ним им е поважно да слушаат за апстрактни „победи“ во однос на историјата и споровите со соседите (во суштина се само порази), но да живеат во една фатаморгана и делузија, одошто да бараат решавање на реалните горливи проблеми од економски, социјален, урбан, инфраструктурен, финансиски, образовен, здравствен и секаков друг вид.

-Едноставно, сите десничари низ светот бараат од своите елити, да им генерираат чувство на победа и супериорност врз соседните нации, особено со тие кои имаат историски проблеми, кои влечат и историски фрустрации и комплекси, посочува аналитичарот.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова вчера испрати порака дека Македонија сè повеќе се оддалечува од членство во Европската Унија со пораките кои ги испраќа, а најави и истрага за тоа како Мицкоски имал достап порано до извештајот и дека влијаел врз него. За ставот на Брисел за долгодишниот спор, Атанасоски оценува дека проблематизирањето на и онака влошените односи со Бугарија, не носи во еден пат во неповрат – целосно и катастрофално упропастени односи со источниот сосед, односно ни 1% отворена можност за преминување на Рубиконот, а тоа е целосно блокирани евроинтеграции, без нималку можност за отворање на преговорите, како следно ниво на европски напредок на Македонија.

Според него, таквите односи, ќе донесат невидени конфликти, кои од денешна перспектива, ќе ни се гледа како идеално решение, овој т.н,, француски предлог “, во децениите кои следат.

-Ваквата блокирана европерспектива, Македонија ќе ја претвори во Молдавија на Балканот : најсиромашна, најнеразвиена, најбесперспективна земја со „висење на Дамоклов меч“, врз нејзиниот унитарен карактер, при ситуација Албанија еден ден во блиска иднина да стане полноправна членка на ЕУ, анализира Атанасоски.

Н.П.

Слични содржини