Францускиот предлог и натаму е предмет на широки консултации, но и на протести, од кој вчерашниот беше одбележан со инциденти.
Граѓаните, кои се изгорени многу пати од ЕУ ветувањата, веќе дуваат и на маштеницата, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.
„Целосно го разбирам народниот гнев на граѓаните“, вели Атанасоски појаснувајќи дека фарнцускиот предлог доаѓа во еден даден момент, кога по постигнувањето на горкиот Преспански договор, највисоките европски политичари и фунционери како што вели тој ни ветуваа брз влез во НАТО алијансата која се случи, „но и безусловно почнување на европските преговори“.
-Што се случи потоа? Прво француско вето, неколку последователни вета од Бугарија, целосно неевропски бугарски барања кои задираат во нашиот јазичен и национално – историски континуитет и вметнување на истите во ЕУ преговарачката рамка, што доаѓа преку францускиот предлог. Едноставно граѓаните, кои се изгорени многу пати од ЕУ ветувањата, веќе дуваат и на маштеницата. Разбирливо и со право. Опозицијата сака само да го јавне бранот и да ги емоционализира протестите до точка на вриење, злоупотребувајќи ги за свои лични интереси и цели: предизвикување на толку бараните предвремени парламентарни избори и зголемување на својот рејтинг преку ова најсензитивно прашање. Власта од друга страна пак, е притисната од највисоките европски и американски дипломати и е пред свршен чин: да прифати европреговори на овој начин, претставувајќи ги како успех (во кој веруваат само неколкумина реално), и да го одбере патот на струполување на нејзиниот и онака урнисан рејтинг и да се соочи со губење на легитимитетот на наредните парламентарни избори и одење во опозиција. Тоа секако не е опортуно за секоја власт, само по себе, објаснува тој.
Според политичкиот аналитичар земјата нема да добие подобар предлог бидејќи како што вели тој, Бугарија ги заокружила своите бугарски барања и ги вметнала во преговарачката рамка.
-Тешко дека по оваа позиција за Бугарија, некоја идна бугарска политичка елита ќе отстапи од ова и ќе ретерира во барањата. Напротив може само да се зголемуваат и да го достигнат полниот апсурд. Од друга страна ако го отфрлиме на бланко овој предлог ризикуваме да се откажеме целосно од европскиот пат и ЕУ поставената иднина и да останеме сами на ветрометината на Балканот. Дали имаме капацитет геополитичкиот курс кон Исток и Евроазија да го смениме? Не! Дали имаме внатрешен институционален капацитет за самостоен државно – правен и општествен развој особено во сферата на економијата и владеењето на правото и зацврстување на демократијата. Дефинитивно не и искуството од овие три децении најдобро ни го покажа тоа. Епа тогаш што ќе правиме како нација, држава и општество? Накаде ќе одиме и како ќе се развиваме. Тој одговор треба да го дадат,,државниците” Димитар Апасиев, Христијан Мицкоски и Никола Димитров, подвелкува тој.
Во врска со условувањата на помалите политички партии, аналитичарот вели дека тие во овие моменти го гледаат својот личен интерес, односно личниот интерес на нивните лидери и нивните клановски бизниси додавајќи дека „ око не им трепнува за Македонија“.
-Сега се наоѓаме во една многу слична ситуација како со Преспанскиот договор. Начинот на неговото спроведување и овој начин на протнување на францускиот предлог е многу компатибилен. Товарот да го носи,, предавничкиот крст” паѓа на владејачките социјалдемократи и тоа неминовно ќе им се одрази на рејтингот во иднина. Таканаречените мали политички коалициски партнери не сакам да ги коментирам од проста причина што не се ни вредни за коментирање, а и да не употребам повулгарен термин, смета Атанасовски.
Според него опозицијата е проорбанска и е подготвена да направи се за да „упропасти тајмингот за почеток на преговорите“.
-На бранот на незадоволството да дојде на власт и да воспостави Орбанистански вилает во начинот на владеењето и функционирањето на државата и општеството. Како замена за ЕУ постулатите. Веројатно и таков модел најмногу ќе им одговора на поддржувачите на десницста, односно во таков, тие ќе бидат најсреќни и најубаво ќе живеат. Разврските и перспективите на Македонија и нејзината иднина не се нималку сјани. Напротив допрва почнуваат уште поголемите проблеми, смета тој.
Б.М.