Атанасов: Трипуновски не може да ја прикрие својата неспособност со ширење лаги и манипулации

од Aleksandar Petrovski
216 прегледи

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски не може да ја прикрие својата неспособност со ширење лаги и манипулации. Целосно се невистинити и шпекулантски информациите што ги изнесе по нашата средба завчера. Покажа и дека нема елементарни познавања за политиките и постапките што се преземаат при пасивен и активен надзор на болестите, посебно на африканската свинска чума, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Атанасов на прес-конфернција попладнево напомена и дека кога дошол на функцијата директор во АХВ, наследил хаос и индиции за нетранспарентно работење. За разлика од времето кога со Агенцијата раководеше ВМРО-ДПМНЕ, денес, потенцира тој, оваа институција е максимално транспарентна, а јавноста е навреме запознаена со евентуалните опасности од појава на болести.

– Инспекциските служби будно ја следат состојбата. Пасивниот надзор се спроведува согласно донесените акти, а на секоја пријава од граѓани, ветеринари или институции за некаков сомнеж, веднаш се излегува на терен за да се преземат соодветни мерки, рече Атанасов, демантирајќи ги искажувањата на Трипуновски.

Досега, информира Атанасов, е постапено по неколку пријави за пронајдени мртви диви свињи во регионите на Крива Паланка, Свети Николе, Куманово и Водно. По направените анализи за африканска чума, добиени се негативни резултати. Атанасов потсети и дека во октомври лани на граничниот премин Деве Баир беше спречен внес на пратка со свинско месо која по спроведените анализи покажа дека е позитивна на вирусот.

Според директорот на АХВ, со појавата на болеста во регионот, мерките за контрола значително се засилија. И покрај оценките на соседните земји дека и кај нас ќе се појави африканска свинска чума, досега тоа не се случи.

– Реализирани се 225 контроли со кои е утврдено дека постојат 97 одгледувалишта со висок ризик во земјава. Од нив, кај 67 е спроведена депопулација, а во моментов има 29 одгледувалишта со висок ризик, подвлече Атанасов.

Тој најави и дека за оваа година веќе се обезбедени потребните средства за активен и пасивен мониторинг на болеста.

Во однос на микрочипирањето на домашните миленици за кои Трипуновски исто така се осврна во соопштението по средбата, Атанасов рече дека заклучно со 17 февруари годинава се чипирани вкупно 81.021 миленик, 77.559 кучиња, 3.461 мачка и една ласица.

Атанасов соопшти и дека по доставениот налог од АХВ за контрола на бездомните животни, добиени се 61 програма од општините. Притоа, 37 се одобрени, а 24 се вратени на доработка. Одобрени се, додаде, и 14 прифатилишта за бездомни животни.

– Само да потсетам дека до јуни 2017 година имаше нула поднесени и одобрени програми од општините, а од осум одобрени прифатилишта, две не беа во функција. Исто така, претходното раководство на АХВ во 2016 година чекаше болеста јазлеста кожа кај говедата да почне да се шири и беснее, дури потоа ја извести јавноста иако сите научни институции предупредуваа на опасноста уште во 2015 година, потенцира директорот на АХВ.

Слични содржини