Audi A2 „оживеа“ по повод 25-годишнината, но со електричен погон

од Vladimir Zorba
15 прегледи

Audi A2 се враќа, но не во форма на сериско возило, туку како уникатна електрична конверзија.

A2 e-tron претставува иновативна „модерна класика“ со нови дизајнерски карактеристики и целосно електричен погон, а исто така ја слави 25-годишнината од оригиналот.

Автомобилот беше претставен на профилите на социјалните мрежи на Audi без информации за електричната платформа. Пропорциите одговараат на оригиналниот модел А2, но некои сегменти се редизајнирани за да му дадат помодерен изглед.

Напред има потенки LED фарови, осветлено лого на Audi на хаубата, а браникот има нешто „почист“ дизајн. Профилот е подобрен со изоставување на рачки на вратите, камери ги заменија ретровизорите, а се издвојуваат продолжетоците на калниците, како и аеродинамички оптимизираните бандажи.

Задниот дел доби светла со модерна графика, задната врата е со „почист“ дизајн и проѕирен заден спојлер со интегрирано стоп светло.

Audi им честиташе на практикантите, студентите и супервизорите кои работеа на проектот. Практикантите на Audi зад себе имаат неколку одлични проекти, вклучувајќи го RS6 GTO од 2020 година, како и електромодот NSU Prinz од 2023 година.

Инаку, Audi A2 се појави на крајот на 1999 година и е базиран на Audi AI2 Concept од 1997 година, а дизајнот го потпишува Лук Донкерволке. Долг е 3.826 mm, има форма на MPV и е фокусиран на ефикасноста. Иако доби позитивни критики, неговата висока цена и „чуден“ дизајн резултираа со мала побарувачка. До 2005 година беа произведени само 176.377 примероци, така што се смета за продажен неуспех.

Неговиот индиректен наследник беше Audi A1 супермини базиран на Volkswagen Polo.

Концептот Audi A2 од 2011 година и Audi AI:ME Concept од 2019 година беа поблиску до оригиналот во дизајнот, но не стигнаа до фаза на производство.

Актуелните конвенционални модели A1 и Q2 наскоро влегуваат во историјата, а Audi наводно работи на нов електричен модел, кој се очекува во 2027 година. Можно е да биде означено со А2.

Слични содржини