Audi ги претстави новите Q5 и SQ5

од Vladimir Zorba
74 прегледи

Компанијата Audi ги претстави новите модели Q5 и SQ5, а овие новитети се многу важни за германската марка.

Познато е дека Q5 е „газда“ во својот сегмент повеќе од 15 години, па Audi не остави „непревртен камен “ во намерата да го подобри.

Надворешниот дизајн е целосно трансформиран, а понудата вклучува нови и поекономични бензински и дизел мотори.

Новиот Q5 е базиран на платформата на Audi Premium Platform Combustion (PPC) и ќе се продава во Европа со три верзии на мотори, од кои секоја вклучува благ хибриден систем со капацитет на батерија од 1,7 kWh и електричен мотор кој испорачува 24 КС и 230 Nm вртежен момент.

Основата на понудата е 2.0-литарскиот TFSI мотор кој развива 204 КС и 340 Nm вртежен момент, а силата се пренесува на предните тркала, иако има опција за погон на четири тркала. Европејците ќе имаат и 2.0-литарски TDI мотор со 204 КС и 400 Nm вртежен момент. Од друга страна, помоќниот модел SQ5 има 3,0-литарски TFSI 6-цилиндричен мотор под хаубата, кој нуди 367 КС и 550 Nm вртежен момент.

Благодарение на новата платформа и подобрениот систем на суспензија и управување, Q5 е значително поудобен од моделот што го заменува. Стандардните модели се опремени со Frequency Selective амортизери, додека опционално е достапна воздушна суспензија со адаптивни амортизери. Суспензијата на SQ5 има поспортска поставка.

Внатрешноста е променета, но тоа не е радикално отстапување од постоечките модели на Audi. Заоблениот екран содржи 11,9-инчна дигитална табла со инструменти и 14,5-инчен MMI инфозабавен дисплеј, со 10,9-инчен екран на совозачката страна. Пред возачот е стандарден волан со рамно дно, но за жал нема никакви физички контроли, копчиња или контроли за климатизацијата, до се се пристапува преку екранот. Интересно е тоа што инфозабавниот систем користи Android Automotive OS и вклучува пристап до апликации вклучувајќи го и YouTube. Head-up е уште една ставка на списокот со опции.

Audi вели дека новиот Q5 е попростран од кога било досега. Задните седишта може да се подесуваат и имаат можност за навалување. Други важни функции вклучуваат безжичен и ладен полнач за мобилни телефони, две USB-C порти лоцирани напред и две назад, а полнат уреди со моќност до 100W, што е доволно за лаптоп.

Дизајнот на теренецот е поелегантен од кога било досега. Паметните детали, вклучувајќи криви и набори, прават Q5 да изгледа помал отколку што навистина е. На многумина ќе им се допадне тоа што во него не доминираат остри линии и драматични агли. Главните надворешни карактеристики вклучуваат дигитални OLED задни светла од втората генерација, кои можат да ги предупредат другите учесници во сообраќајот за несреќи и дефекти со прикажување приспособена графика. Напред се стандардните Matrix LED диоди со осум прилагодливи светлосни знаци за дневни светла.

Што се однесува до цените, Q5 ќе стартува од 52.300 евра, додека новиот SQ5 ќе чини најмалку 82.900 евра.

Слични содржини