Во првите девет месеци од оваа година Audi силно ја зголеми продажбата и прометот, но заработи 26 отсто помалку од истиот период лани.
Дел од профитот го изедоа повисоките трошоци, а дел отидоа за инвестиции, изјави во петокот финансискиот директор на концернот Јирген Ритерсбергер и генерално ја потврди годишната прогноза, пренесе SEEbiz.
Подружница на Volkswagen Group, Audi продаде 16 отсто повеќе возила, 1,4 милиони, намалувајќи ја разликата зад конкурентите BMW и Mercedes.
Прометот се зголеми за 13 отсто на 50,4 милијарди евра, но оперативната добивка падна за 26 отсто или 4,6 милијарди евра. Добивката по оданочување падна од 5,8 на 4,5 милијарди евра.
Марката Audi оствари профитна маржа од само 7,3 отсто од прометот. Заедно со брендовите Bentley, Lamborghini и Ducati, Audi имаше 9,1 отсто и со тоа ја достигна долната граница од планот.
Ритерсбергер предвидува „силен четврти квартал“ врз основа на бројките за продажба. Годишната цел на Audi е да ја зголеми продажбата од 1,8 на 1,9 милиони автомобили, прометот од 69 на 72 милијарди евра и профитна маржа над девет проценти.