Соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, е обвинета за кршење на законот за државна тајна кој датира од колонијалната ера, најсериозно обвинување со кое се соочува долгогодишната противничка на военото владеење, изјави нејзиниот адвокат.
Су Чи и другите членови на нејзината Национална лига за демократија (НЛД) се во притвор од воениот удар на први февруари, пренесува Хина.
Хунтата досега ја обвинуваше за неколку помали прекршоци, вклучувајќи нелегално увезување радио приемници и кршење на протоколи поврзани со епидемијата на коронавирус.
Нејзиниот главен адвокат, Кин Маунг Зау, рече дека Су Чи, тројца нејзини министри во владата и австралискиот економски советник Шон Турнел се обвинети за кршење на законот за доверливост на податоците и дека тој дознал два дена претходно.
Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува казна затвор од 14 години. Портпаролот на воените власти не одговори на телефонските повици на новинарите на „Ројтерс“.
Досега, најмалку 538 цивили се убиени во судирите со полициските сили што траат од почетокот на февруари.
Најкрвавиот ден беше забележан во саботата, кога беа убиени 141 лице.