Austrian Airlines ги прекинаа летовите за Техеран, Lufthansa нема да го користи иранскиот воздушен простор

од Vladimir Zorba
155 прегледи

Austrian Airlines, последната западноевропска авиокомпанија што леташе за Иран, соопшти дека ги прекинува сите летови од Виена до Техеран до 18 април како одговор на ескалацијата на тензиите во регионот.

Австриската авиокомпанија продолжи да лета до иранската престолнина подолго од нејзината матична германска Lufthansa, бидејќи Виена е поблиску до Техеран, што значи дека би можела полесно да ги откаже летовите или да го остави персоналот во Техеран преку ноќ, ако биде принудена.

Ќе бидат изменети и маршрутите кои минуваат низ иранскиот воздушен простор, се вели во соопштението на компанијата, во кое се истакнува дека безбедноста на патниците и членовите на екипажот е приоритет.

Во меѓувреме, германската авиокомпанија Lufthansa објави дека нема да го користи иранскиот воздушен простор и дека ќе продолжи со суспендирање на летовите до и од Техеран до 18 април, поради зголемените тензии на Блискиот Исток.

Во соопштението што го објави портпаролот на компанијата во петокот, се наведува дека авионите на Lufthansa повеќе нема да го користат иранскиот воздушен простор поради информациите дека Иран ќе изврши напад врз Израел во наредните денови, пишува весникот „Штутгартер Нахрихтен“.

Lufthansa претходно најави дека ќе ги прекине летовите до иранската престолнина до сабота, пишува германскиот весник.

Вчера, по германското Министерство за надворешни работи, австриското МНР ги повика своите граѓани да го напуштат Иран.

Претходно медиумите објавија дека Израел се подготвува за најлошото сценарио, односно за напад од Иран, како одмазда за нападот на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија, кога беа убиени неколку ирански воени службеници.

Двајца американски функционери изјавија за Си-Би-Ес дека во нападот ќе бидат употребени повеќе од 100 беспилотни летала и десетици проектили насочени кон воени цели во Израел.

Слични содржини