АВАЈА: Секој Ром/ка да побара да биде попишан на својот мајчин јазик

од Берта Китинска

Движењето Аваја информира дека постојано го следи процесот на спроведување на пописот. Потсетуваме дека секој граѓанин има право да побара да биде попишан на својот мајчин јазик (ромски јазик, што значи да побара Ром/ка попишувач) и да побара увид во дадените податоци. Истакнуваме дека увидот во дадените податоци го сметаме за значајна можност и право на граѓаните да може да избегнат манипулации на пописот и упатуваме порака до надлежните институции да не дозволат манипулации на терен со ромското население.

Пописот е процес кој ќе покаже колку Ромите се слободни да ја искажат својата етничка припадност и колку државата обезбедила услови за спречување на манипулациите врз ромската заедница.

Исто така, бараме останатите етнички заедници да престанат преку своите политички претставници и јавни личности да вршат притисоци врз ромското население во источниот дел од нашата земја, кои патем ја манипулираат ромската заедница на секои избори, а сега вршат и притисоци без притоа да ја подобрат состојбата на ромската заедница во изминатите 30 години.

Аваја во текот на своето работење и делување преку своја методологија веќе ја има пресметано целосната бројка на Роми на национално и локално ниво. Истакнуваме дека доколку бројот на официјално регистрирани Роми на пописот е значајно помал од вистинската бројка на Роми во државата како заедница ќе бидеме приморани да ги бојкотираме нереалните резултати од пописот. Затоа повикуваме да се зачува интегритетот на пописот и да не се манипулира со ромската заедница, туку секој поединец да го искористи правото на слободно искажување на својата етничката припадност како уставно загарантирано право без да биде манипулиран.

Слични содржини