Смилевски за најавената даночна политика на ВМРО-ДПМНЕ: Останува да се види како новата власт ќе се соочи со сивата економија

од Vladimir Zorba
1,6K прегледи

Какви ќе бидат ефектите на новата даночна политика која ја најави ВМРО-ДПМНЕ и кои се првичните оценки за најавените чекори?

Познавачите на состојбите се засега внимателни, премерувајќи ја вкупната економска состојба во корелација со претходните и новите решенија.

Според Борче Смилевски – експерт во областа на даночната политика, во програмата се нафрлани повеќе стратешки цели, а има помалку конкретни мерки.

„Кај директните даноци и нема нови мерки и решенија, генерално се задржува веќе постојната политика на рамен данок, а во поглед на консолидирање и зацврстувањето на системот и како тој да овозможи зголемена даночна основа, а со тоа и зголемени даночни приходи, се споменува само борбата со сивата економија без конкретни мерки како таа ќе се реализира. Претпоставувам дека тоа ќе остане задача на даночната администрација па останува да видиме како таа ќе се справи со овој предизвик“, вели Смилевски во разговор за „Локално“.

Мерката за даночно ослободување доколку некоја компанија превземе вработен од јавната администрација оценува дека ќе има симболичен ефект и дека повеќе претставува сигнал за справување со превработеноста на јавната администрација.

За Смилевски е нејасно и што ќе се постигне со планот да се подигне прагот за регистрација за ДДВ обврзници од два на три милиони денари бидејќи генерално гледано вели тоа не е мерка што би требало да го подобри вкупниот систем на ДДВ.

ВМРО ДПМНЕ преку својата изборна програма најави своевиден економски пресврт. Обелодени дека ќе се залага Македонија да биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и за граѓаните, дека ќе продолжи борбата против сивата економија, дека ќе растат инвестициите, продуктивноста и платите. Кои се вашите генерални впечатоци за мерките предвидени во рамки на новата даночна политика?

-Сега, пост изборите е веќе јасно кој ќе ја води даночната политика во минимум следните четири години. Но ако ја погледнеме програмата на ВМРО-ДПМНЕ во овој дел ќе видиме дека се нафрлани повеќе стратешки цели, а помалку конкретни мерки иако е наведено дека за остварување на истите ќе има инклузивност и широка дебата пред да се имплементираат што секако е позитивно.

Конкретно, кај директните даноци и нема нови мерки и решенија бидејќи генерално се задржува веќе постојната политика на рамен данок, стапките нема да се менуваат, а во поглед на консолидирање и зацврстувањето на системот и како тој да овозможи зголемена даночна основа, а со тоа и зголемени даночни приходи, се споменува само борбата со сивата економија без конкретни мерки како таа ќе се реализира. Претпоставувам дека тоа ќе остане задача на даночната администрација па останува да видиме како таа ќе се справи со овој предизвик.

Во делот на даночните поттикнувања, останува да важи и понатаму ослободувањето поврзано со реинвестираната добивка иако тука постои простор за интервенција за да се елиминираат некои негативности во делот на спроведување на истото. Понатаму се споменува даночно поттикнување за фриленсери, повторно без конкретна мерка, иако стапката од 10% е веќе доволно ниска па не знам со што би требало дополнително да се стимулираат за да го платат персоналниот данок на доход, или зошто баш фриленсерите би требало да бидат попривилегирани од другите категории на даночни обврзници.

Се најавува и мерка за „привлекување на мултинационални компании кои имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра, ефективната стапка на данокот на добивка да биде 5%”. Што во пракса значи ваквата мерка, какви би биле бенефитите од тоа?

-Ова навистина не можам да го разберам или пак е нејасно напишано како мерка во програмата. Како тоа законодавецот ќе им овозможи ефективна даночна стапка од 5% на мултинационалните компании, кога законодавецот може и ја пропишува номиналната стапка, а не ефективната. А ако намерата била дека номиналната стапка ќе биде 5% за мултинационалните компании кои ќе ја консолидираат добивката во Македонија, тогаш мерката станува уште повеќе конфузна бидејќи согласно глобалниот минимум данок од 15% во рамки на ОЕЦД правилата се дека овие мултинационални компании треба да го плаќаат данокот на фер основа со цел да се избегне ниското ниво на оданочување во одредени јурисдикции. Според тоа, ваквата мерка би била во целосна спротивност со овие ОЕЦД правила и се сомневам дека воопшто може да се ефектуира во пракса, уште помалку дека истата претставува некакво поттикнување кое би требало да биде во полза на домашната економија. Но, ќе оставиме на тие што ја замислиле да ја дообјаснат во наредниот период.

Кај ДДВ, предвидено е да се подигне прагот на регистрација од два на три милиони денари остварен вкупен промет. Како ја оценувате оваа мерка? Дали зголемениот праг на регистрација за ДДВ обврзници повеќе ќе го полни буџетот и дали ќе влијае на опфатот на даночни обврзници?

-Не можам да проценам што ќе се постигне со ваквата мерка и зошто воопшто има потреба од подигнување на прагот, освен како некое мини олеснување за мали даночни обврзници. Генерално гледано не претставува мерка што би требало да го подобри вкупниот систем на ДДВ.

Најавата за дигитализација многумина ја окарактеризираа како добредојдена. Што ќе значи тоа за компаниите и малите фирми?

-Да, она што навистина може да се поздрави е во делот на дигитализацијата која се најавува, како што е конечно заокружување на процесот за воведување на е-фактура и во делот на комуникацијата помеѓу даночните обврзници и даночната дминистрација. Во време кога и економијата се повеќе станува дигитализирана, јасно е дека треба повеќе внимание да се посвети на нејзиното олеснување, а за тоа се потребни конкретни мерки и дигитални алатки и кај даноците.

Дел од мерките кои привлекуваат внимание се најавите за даночно ослободување доколку некоја компанија превземе вработен од јавната администрација. Дали на овој начин може барем делумно да се надмине проблемот со превработеноста во администрацијата?

-Мерката за даночно ослободување доколку некоја компанија превземе вработен од јавната администрација сметам дека ќе има симболичен ефект и дека повеќе претставува некаков сигнал за отпочнување со справување на прашањето за превработеноста на јавната администрација кое сепак не може да се реши само со даночно поттикнување.

К.В.С.

Слични содржини