Аваја во пресрет на пописот започнува со кампањата “Горди Роми”

од Берта Китинска
362 прегледи

Ромското граѓанско движење – Аваја која e предводена од тритe граѓански организации, Ромалитико, Романо Авази и Ромаверзитас во пресрет на најавениот Попис на населението ја претставува својата нова кампања која има за цел да го афирмира идентитетот на Ромите со цел Ромската заедница да го искаже својот идентитет гордо без никакви притисоци и манипулации, како и да ја информира ромската заедница за пописот како процес кој ќе се одвива во периодот кој следува. Како движење имаме за цел сите припадници на ромската заедница во нашата држава целосно да бидат опфатени со Пописот и слободно да се изјаснат за својата припадност. Кампањата е насловена, “Barikane Roma” што во превод на македонски значи “Горди Роми”.

На денешната прес конференција Елвис Шаќири истакна дека Ромите како заедница беа жртви на “социјален инжинеринг низ историјата каде што исчезнаа околу 10.000 Роми од државата за само 3 години од повторениот попис 1991-1994та. Во 1991ва беа попишани 52.103 Роми а за само три години кога се повтори пописот, односно во 1994 беа попишани 43.707 Роми за да во 2002 повторно да имаме 53.879”. Воедно, Шаќири во 2011 истакна дека бил сведок на манипулации кога на Ромите попишувачи не им биле давани овластувања да попишуваат на терен се со цел да се овозможи на останатите попишувачи од другите заедници да попишуваат во ромските маала. Шаќири упати порака и до другите етнички заедници да допринесат кон фер спроведување на пописот без манипулации на ромското население и неискористувајќи го фактот дека ромите го говорат и јазикот на другите етнички заедници во државата.

Алберт Мемети наведе дека “попис е од особено значење за Ромската заедница бидејќи во нашата држава големината на заедницата дефинира се, почнувајќи од тоа колку вработувања ќе имаме во јавната администрација, дали ќе се обратиме во суд на нашиот мајчин јаизк, па се до тоа колкав буџет за Ромите ќе се оддели”. Мемети наведе дека “очекуваме Ромите да бидат застапени во структури на пописот бидејќи само така може да обезбедиме кредибилност и валидност на целиот попис”.

Марија Сулејманова укажа на тоа дека “ниту еден попис ја нема прикажано реалната бројка на Роми во нашата држава”. Според последниот попис Ромите беа застапни со 2,66% од целокупното население, меѓутоа сега после 19 години од последниот попис Аваја потенцира дека Ромите се застапени со 4% од вкупното население во државата, или не помалку од 85,000 Роми резиденти граѓани, која бројка би била поголема со вбројување на дијаспората. Сулејманова наведе дека Аваја наскоро ќе излезе со конкретна методологија во однос на пресметувањето на бројката.

Селвије Мустафи сподели дека Аваја ќе биде присутна на терен. Активистите на Аваја и секој член на заедницата, постојано ќе повторува дека е горд Ром во слободна РСМ. Мустафи наведе дека ќе се работи на охрабрување етничката припадност слободно да се декларира, без страв и притисоци. Аваја планира да ја организира и ромската дијаспора ширум Европа, истакнувајќи ја поддршката на транснационално ниво. Од 1ви Март до крајот на пописот Ромите ќе се регистрираат и на онлајн платформата поставена од страна на Државниот Завод за статистика.

Упатуваме апел до сите наши Роми, имате право да барате да бидете попишани на ромски јазик од Ром попишувач.

Слични содржини