Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на денешната седница ја изгласа предлог одлуката за финансиска помош за радиодифузерите, кои имаат добиено дозвола за работа во моментот на донесувањето на оваа одлука. Финансиската помош е намалена во 25 проценти, но доколку има ребаланс на Буџетот, оваа одлука ќе биде коригирана, информираше директорот на АВМУ Зоран Трајчевски.
АВМУ едногласно изгласа и неколку одлуки за иницирање постапка за изрекување јавна опомена на неколку локални телевизии. Изречена е прекршочна пријава за едно радио, а беше изгласа и одлуката за покренување постапка за одземање на лиценцата на ТВ Ирис од Штип.
Прекршочна пријава има и за националната телевизија Алсат, каде со контролен надзор е констатирано непочитување на одреден член од Законот.
– Повторно, во повеќе играни серијали и две емисии со емитување реклами на поделен екран, радиодифузерот покрива суштински дел од дејството, односно ликовите во актуелните серијали. Предлогот е да се поведе прекршочна постапка, но и анализа на материјалот, беше предложено на седницата.
На седницата беше посочено и дека за оваа законска одредба не постои казна во Законот и оттаму не може да се реализира поведувањето на постапката.