Австралија: Момче (13) се степало со врсник, па завршило во самица 45 дена

од Stefanija Kuzmanovska
150 прегледи

Тринаесетгодишно момче од домородно потекло од сојузната држава Квинсленд, Австралија, поминало 45 дена во самица додека било во поправниот дом за малолетници во градот Таунсвил, каде што бил притворен поради тепачка со врсник.

Малолетникот, познат само под името „Џон“, бил пуштен на условна слобода откако поминал 60 дена во притвор, а се претпоставува дека поминал 22 последователни дена во самица, јавува Би-Би-Си.

Оваа ситуација покрена сериозна загриженост за состојбата на човековите права во Квинсленд.

Поради очајната ситуација за време на притворот, момчето ја поплавило ќелијата со вода од тоалетот бидејќи не му било дозволено да пие вода, изјави адвокатот на „Џон“, Тим Грау.

Грау тврди дека неговиот клиент, кој претходно не извршил сериозни прекршоци, бил третиран на крајно груб начин.

Тој вели дека не знае зошто момчето толку долго било во самица, но се сомнева дека тоа е поради недостиг на персонал во воспитно-поправниот дом за малолетници.

Ова не е изолиран случај, бидејќи во февруари беше откриено дека друго момче од Квинсленд, исто така на возраст од 13 години, со пречки во развојот, поминувало 78 дена затворено во ќелија по 20 часа на ден.

Слични содржини