Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска, по повод Денот на Европа, оцени дека пандемијата ги покажала слабостите на ЕУ во споредба со другите актери, а министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, подвлече дека минатата година беше изгубена година во однос на проширувањето на Унијата, и дека тоа сега не треба да биде случај, затоа што ЕУ е нецелосна без Западен Балкан.
„Изминатите месеци од пандемијата не само што беа предизвикувачки за сите граѓани во Европа, туку кризата јасно ги покажа сите слабости на ЕУ во споредба со другите актери. Затоа сега е важно да се надополни јазот со брзи и ефикасни мерки, и пред сè, да се поттикне економскиот раст, конкурентноста и проширувањето на заедничкиот пазар преку модернизација и дигитализација“, потенцира Курц
Тој додаде дека претстојната Конференција за иднината на Европа е шанса да се одржи отворена дебата за тоа што ЕУ мора да стори во иднина, а Австрија ќе придонесе за позитивниот развој на Унијата и зачувувањето на заедничките вредности.
Министерот за надворешни работи, Александар Шаленберг, истакна дека Европа мора да биде поставена така што ќе биде подготвена за иднината.
„Изминатата година покажа во Европа за време на пандемијата дека многу работи функционираат добро. Така успеавме да го одржиме заедничкиот пазар и да го лансираме најголемиот финансиски пакет во историјата на евроинтеграциите со фондот за обновување“, објасни тој, пренесе Танјуг.
Сепак, додаде тој, мора да се извлече вистинската порака од кризата, со цел ЕУ да биде подготвена за иднината.
„Проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан е исто така клучно. Минатата година беше изгубена година за целиот регион, а сега е важно да се надополни доцнењето, бидејќи штетата ќе биде поголема. Без нашите партнери од Западен Балкан, ЕУ не е целосна“, предупреди Шаленберг.