Австрија не планира влез во НАТО, но нема да биде политички неутрална

од Nikola Popovski
348 прегледи

Во светлината на напорите на Шведска и Финска да се приклучат на НАТО, австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг денеска изјави дека Австрија не планира да се приклучи на воената алијанса.

„Имаме сосема поинаква географска ситуација“, изјави Шаленберг за новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

„Имаме и сосема поинаква историја и веруваме дека тоа мора да се земе предвид“, додаде тој.

„Но, тоа не значи дека Австрија е политички неутрална“, рече Шаленберг.

„Неутралноста не постои во случај на воена агресија“, појасни тој, мислејќи на руската инвазија на Украина.

„Јасно ја зазедовме нашата позиција, ги поддржуваме сите санкции и правиме се што можеме за да обезбедиме поддршка“, рече Шаленберг.

Зголемување на инвестициите во безбедноста

Запрашан дали на Австрија може да и се гарантира безбедност и покрај тоа што останува надвор од НАТО, тој истакна дека планира да ги зголеми безбедносните инвестиции.

Важно е да се разбере дека „светот не е толку пријателски како што ние би сакале да биде“, нагласи Шаленберг, додавајќи дека има земји кои се подготвени да употребат воена сила за да ги остварат своите интереси.

Шведска и Финска најавија дека ќе аплицираат за членство во НАТО за неколку дена, поттикнати од промената на геополитичката клима во Европа по рускиот напад на Украина кон крајот на февруари.

Слични содржини