Во Австрија цената на храната драстично скокна во последните месеци, конкретно на поевтината, се вели во студијата на Работната комора (АК).
Споредено со лани, цената на поевтиното сончогледово масло поскапе за цели 125 отсто, а на тестенини за 79 отсто, утврди АК. Така, литар поевтино сончогледово масло во јуни минатата година чинеше 1,19 евра, а сега чини 2,68 евра.
– Кој има помалку пари, ги споредува цените при купување. Повисоките цени многу повеќе ги погодуваат луѓето со пониски примања – истакна Габријеле Згубиќ од АК.
Таа посочи дека граѓаните поради високите цени сега се повеќе купуваат поевтини производи, но често се соочуваат со недостиг од токму тие асортимани во продавниците, па мораат да купуваат поскапи варијанти.
АК бара привремено намалување на ДДВ за намирниците, за да се растоварат домаќинствата со пониски приходи. АК посочува дека домаќинствата со пониски приходи трошат во просек 16,6 отсто од својот буџет на намирници.
Домаќинствата со помали примања би имале двојно поголема корист од намалувањето на ДДВ за намирниците. АК бара и строга контрола на цените на намирниците во продавниците.