Дејствувајќи по налог на австриското Јавно обвинителство, виенската полиција денеска побарала објавување нови фотографии на кои се гледа девојчето кое личи на исчезнатата Данка Илиќ, информирајќи притоа дека трага по двете жени кои се на снимката со девојчето.
Како што се наведува во полициското соопштение, потерницата е распишана бидејќи постои сомнеж за киднапирање дете, а воедно се повикуваат сите кои ги познаваат жените или знаат каде се наоѓаат веднаш да се обратат во полиција.
„Граѓаните кои ги препознаваат лицата од видеото треба веднаш да се обратат до виенската криминалистичка полиција на 01-31310-33800 или во која било полициска станица,“ се вели во соопштението од полицијата.
За потсетување, Данка наводно била видена на 30 март во Виена во придружба на две романски државјанки. Кога станува збор за споменатото видео, многумина забележале две возрасни жени како го придружуваат девојчето, но без да покажат никаква емоција или близок однос кон неа.
Австриската полиција претходно денеска соопшти дека семејството на исчезнатата Данка Илиќ претпоставува дека на видеоснимката направена на трамвајската станица во Виена е двегодишното девојче.
Оттаму додаваат дека видеото до австриските власти го проследил маж кој на трамвајската станица „Шотенринг“ наишол на мало дете во придружба на две возрасни жени и ја забележал сличноста меѓу него и двегодишната Данка.
Српските власти потоа ја контактирале полицијата во Австрија, а истрагата за сомнителното киднапирање на детето ја презела виенската државна криминалистичка полиција“, се вели во соопштението.
Во Србија продолжува истрагата и потргата по Данка Илиќ, која исчезна во Бањско Поље кај Бор на 26 март. Специјалистички екипи на МУП ја пребараа околината на куќата, тунелот, подземните канали и шахти, шумите и не пронајдо траги кои би укажале дека девојчето е таму.
Во исто време истрагата се прошири и во Австрија, а Интерпол распиша жолта потерница.