Австрискиот експерт за Источна Европа, Герхард Мангот, оцени дека треба сериозно да се сфатат „заканите со нуклеарно оружје“ на рускиот претседател Владимир Путин.
„Тие изјави мораме да ги сфатиме сериозно. Дури и да е блеф, мора да се подготвиме за таков развој на настаните“, истакна Мангот, пренесува „Танјуг“.
Во врска со тоа, тој истакна дека Путин, и покрај политичката загриженост, донел одлука за делумна мобилизација.
„Тој мораше да смета на фактот дека противењето на војната ќе се зајакне меѓу населението. Меѓутоа, поради воените успеси на Украина, Путин сфатил дека главната слабост на руската армија е тоа што бројот на руски војници е намален. Многумина беа убиени, ранети, а многумина ги напуштија своите работни места“, тврди Мангот.
Тој посочи дека со анексијата на териториите по референдумот, Русија нападите на тие делови ќе ги смета за напад на руска територија, па ќе дејствуваат со сето расположливо оружје, од, како што оценува Мангот, стратешки бомбардери до тактичко нуклеарно оружје.
Тој посочи дека руското раководство тогаш може да тврди дека е загрозено постоењето на руската држава, што е токму формулацијата што се наоѓа во руската нуклеарна доктрина како причина за употреба на нуклеарно оружје против конвенционална закана.
„Путин не сака и не смее да ја загуби оваа војна, бидејќи може да ја изгуби својата позиција“, рече тој.