Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека Австрија ќе го поддржи статусот на Украина за кандидат за членство во ЕУ само под услов да нема двојни стандарди во процесот на проширување, нагласувајќи дека мора да се применуваат истите критериуми како и за кандидатите од Западен Балкан.
„Не би било замисливо да ѝ одобриме кандидатски статус на Украина, а во исто време да ги држиме надвор земјите, како што е БиХ“, изјави Нехамер за германскиот весник „Велт“.
Тој подвлече дека има јасни критериуми кои мора да се исполнат без исклучок.
„Не смееме да имаме двојни стандарди или кандидати од прва или втора класа“, посочи Нехамер.