Австриските глечери пред исчезнување поради климатските промени

од desk4
42 прегледи

Експертите предупредуваат дека австриските глечери би можеле целосно да исчезнат во блиска иднина поради климатските промени, објави во четвртокот агенцијата dpa. Според студијата на австриско-британски истражувачки тим, објавена во списанието „Криосфера“, за да се зачува барем дел од ледената маса, неопходно е порастот на глобалната температура да се задржи под 1,5 °C во однос на прединдустрискиот период.

Сепак, светот во моментов се движи кон загревање од околу 2,7 °C, што претставува сериозна закана за глечерите. Во регионите Оцтал и Стубаитал, дури пет глечери целосно се стопиле помеѓу 2006 и 2017 година, пренесува dpa. Коавторот на студијата, Фабиен Маусион од универзитетите во Бристол и Инсбрук, предупредува дека времето за навремена реакција брзо истекува. Прогнозата на студијата се однесува на глечерите во австриската провинција Тирол, но нејзините резултати се применливи за целата земја.

„Сведоци сме на исчезнување на глечерите. Остатоците од мраз што повеќе не се движат и немаат област за хранење всушност веќе не се глечери“, посочуваат авторите на истражувањето.