Автомобили на Audi и Porsche заглавени на американските пристаништа поради загриженост за кинески дел

од Vladimir Zorba
296 прегледи

Неколку илјади возила од германските марки на луксузни автомобили Audi и Porsche се заглавени на бродови на пристаништата во Соединетите Американски Држави поради царински проблеми кои вклучуваат дел од кинеско производство.

Двете марки припаѓаат на германскиот автомобилски гигант Volkswagen (VW) и вклучуваат делови произведени од добавувачи на VW во западна Кина, вклучително и во провинцијата Ксинџијанг, која беше во фокусот на широкото меѓународно внимание и грижата за човековите права поради односот на Кина кон муслиманското малцинство Ујгури.

„Работиме на отстранување на доцнењето поврзано со царината во испораката на одредени модели на возила од групацијата VW од американските пристаништа до дилерите“, изјави портпаролот на компанијата за ДПА во четвртокот.

„Испораката на возилата продолжува, но за жал може да има доцнења“, додаде портпаролот. „Ова се должи на мала електронска компонента на поголема контролна единица, која ќе биде заменета во погодените возила веднаш штом ќе бидат достапни потребните делови“.

Според германскиот деловен весник Handelsblatt, 13.000 нови автомобили од подружниците на VW Audi и Porsche, како и од британскиот луксузен бренд Bentley во сопственост на VW, се погодени од проблемот.

Според Фајненшл тајмс, предметната компонента потекнува од западна Кина и не може да се користи во Соединетите Американски држави поради локалниот закон против принудна работа.

Сепак, самиот Volkswagen наводно немал сознанија за потеклото на делот бидејќи бил инсталиран во поголема компонента од добавувач.

Volkswagen дознал за ова дури преку дојава од добавувачот, а потоа ги информирал властите во САД.

„Ги разјаснуваме фактите и преземаме соодветни мерки“, објасни портпаролот на VW. „Ова може да вклучи и прекинување на односите со добавувачите доколку нашите истраги потврдат сериозни прекршувања“.

Volkswagen долго време беше критикуван за неговите производствени активности во западна Кина. Во регионот Ксинџијанг, Volkswagen работи со фабрика за испорака и тест патека заедно со својот кинески партнер Saic.

Во средата Volkswagen објави дека ќе разговара со Saic „за идната насока на деловните активности во провинцијата Ксинџијанг“.

„Во моментов интензивно се испитуваат различни сценарија“, велат од компанијата.

Слични содржини