Автомобилот омилено превозно средство во Скопје, околу 4% користат велосипед

од Vladimir Zorba
343 прегледи

Во Скопје над 42 проценти најчесто до работа или училиште одат со автомобил (38,4 најчесто како возач и 4,1 најчесто како совозач). На второ и трето место како најчесто превозно средство се автобус и пеш – по 13 проценти, додека околу четири проценти најчесто патуваат со велосипед. Над 10 проценти користат повеќе од едно превозно средство, што значи дел од патувањето е со автобус или автомобил, а дел пеш или некое друго превозно средство.

Речиси половина од мажите во Скопје најчесто до работа или училиште патуваат со автомобил, за разлика од 34 проценти од жените. Речиси 20 проценти од жените во Скопје најчесто патуваат со автобус, за разлика од осум проценти од мажите. Пеш патуваат над 16 проценти од жените и над 10 проценти од мажите.

Од скопските општини пеш најчесто до работа или училиште одат во Центар – 31 процент (36 проценти од жените) и Чаир – 24 проценти (26 проценти од жените), додека најретко пеш одат во Бутел – 8 проценти и Ѓорче Петров – 7 проценти (5 проценти од мажите).

Со велосипед до работа или училиште најчесто одат во Аеродром и Карпош – по 6 проценти, а најмалку во Сарај и Шуто Оризари по еден процент.

Градски автобус најчесто користат во Шуто Оризари – 26 проценти, Ѓорче Петров – 20 проценти и Гази Баба – 19 проценти, а најмалку во Центар – 4 проценти и Карпош – 8 проценти.

Во Аеродром 17 проценти од жените најчесто користат градски автобус, а тоа го прават само пет проценти од мажите.

Слични содржини