Азербејџан го заврши процесот на преземање на територијата од Ерменија

од Vladimir Zorba
310 прегледи

Денес, Азербејџан го заврши процесот на преземање на територијата, што Ерменија и го отстапи во согласност со мировниот договор со посредство на Русија, со кој се стави крај на шестнеделните конфликти околу Нагорно Карабах, пренесува „АП“.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев го поздрави враќањето на контролата врз овие области како историско достигнување.

„Сите живеевме со еден сон и сега го исполнивме. Ние извојувавме победа на бојното поле и во политичката арена и таа победа отвора нова ера за нашата земја“, рече Алиев во обраќањето до нацијата.

„Ќе биде време на развој, безбедност и напредок“.

Регионот Лачин, лоциран помеѓу Нагорно Карабах и Ерменија, е последната од трите области на периферијата на Нагорно Карабах, кои денес беа предадени од ерменските сили.

Лидерите на трите земји, Владимир Путин (Русија), Илхам Алиев (Азербејџан) и Никол Пашинијан (Ерменија), на 10 ноември потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на борбените дејствија во Нагорно Карабах.

Според изјавата, дел од регионот е под контрола на Азербејџан, страните ќе разменуваат затвореници, а руските мировници ќе бидат распоредени долж контактната линија и долж коридорот Лачин што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија.

Слични содржини