Азербејџанските власти денес објавија дека започна процесот за размена на затвореници со Ерменија.
„Како резултат на преговорите со ерменската страна, со учество на меѓународни организации и команда на руските мировни сили, беше постигнат договор за размена на заробеници и заложници врз основа на принципот „сите за се“, изјавил Азербејџанскиот државен комитет за воени затвореници и исчезнати лица.
Размената започнала денес, а во текот на денот, воените заробеници и заложниците од Ерменија треба да бидат вратени во Азербејџан.
Ерменските власти сè уште не ги коментираат вестите за размената на затвореници.
Конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија за контрола на Нагорно Карабах заврши на 9 ноември со мировен договор со кој се признава победата на азербејџанските сили. Договорот беше постигнат со помош на Русија.
Нагорно-Карабах, територија претежно населена со Ерменци, се одвои од Азербејџан, што доведе до војна што однесе 90.000 животи во текот на 90-тите години на минатиот век. Оттогаш, од време на време избувнуваа конфликти, а последниот избувна на 27 септември.