Драстичниот раст на цените а некаде и недостиг од суровини неопходни за производство во земјава што е проблем и во глобални рамки, вклучително и цените на енергенсите, руско-украинскиот конфликт, како продолжение на Ковид кризата, наметна сериозна неизвесност и непредвидливоста на ситуацијата, што се заканува со нарушување на ликвидноста на компаниите и затворање и отпуштања на вработените. Ова е општиот впечаток кој беше констатиран на работната средба што претседателот Бранко Азески, ја одржи со претседателите и потпретседателите на Регионалните комори при Стопанската комора од Битола, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица и Кичево.
На средбата, претставниците на Регионалните комори ги изнесоа видувањата и сознанијата за состојбите во компаниите од регионот кој го претставуваат и согласно анализите направени во Комората по сектори се отвори дискусија за секој од проблемите.
За компаниите членки на Комората независно на кој регион припаѓаат, најголем проблем е скапата струја поради што сметките им се зголемени и до три пати, а поскапувањето и на нафтата јаљ дига цената на транспортот, што делува до драстичен пораст и на крајната цена на производот. Фирмите едногласно бараат брзи постапки на локално ниво за инвестиции во фотоволтаици со кои ќе супституираат дел од скапата увезена струја, субвенционирање на компании кои произведуваат стратешки производи – производители на основни прехранбени производи, и поддршка на енергетските домашни компании за поголемо производство на електрична енергија од домашно производство како би се обезбедила поевтина струја за стопанството.
По опсежната дискусија, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески констатирал дека ова не е време ниту за промена на стратегии, туку е време на преживување.
-Никој не може да предвиди што ќе се случи со цената на гасот и енергенсите ако продолжи руско-укрианскиот конфликт, никој не знае ни колку ќе трае, а тоа доведува до тешка неизвеност. При тоа посочи дека Владата може да го зајакне секторот, да направи нешто што би им помогнало на компаниите побрзо да дојдат до дозволи за инвестирање во фотовголтаици, да можат да се приклучат на системот пред доаѓањето на зимата кога енормно ќе им се зголемат трошоците. Приоритет би ставиле на ова прашање зашто би дало најбрзи ефекти и тука ќе бидат убедувањата во наредниот период. Можно е фирмите да почнат да се откажуваат од инвестициските активности, што носи кон пад на економската активност. Излезното решение е да и помогнеме сите на државата, но да видиме дека и државата сака да си помогне себе си. Само партнерски може да се надминат проблемите, вели Азески.