Јужна Кореја ќе избере снабдувач на технологија за изградба на пилот платформа за развој на дигитални валути, приближувајќи се кон создавање на сопствена криптовалута што ќе биде поддржана од централната банка, објави банката во понеделникот.
Централната банка на Кореја бара партнер за да ја истражи можноста за лансирање дигитална валута во тест средина.
Платформата ќе содржи симулации на комерцијални банки и продажни места, а ќе вклучува плаќање преку мобилни телефони, трансфер на средства и пoлагање депозити, објави Банката на Кореја (БОК), пренесува Seebiz.eu.
Пилот програмата ќе трае од август до декември оваа година.
Активностите на БОК доаѓаат во време на ширењето на биткоинот и други крипто-валути, кои го менуваат начинот на работа на финансискиот сектор.
Централните банки од Кина до Велика Британија и Шведска сметаат дека развојот на дигитални валути е начин за модернизирање на сопствените финансиски системи и ги прифаќаат за забрзување на домашните и меѓународните трансакции.
Централните банки на земји со петтина од светското население најверојатно ќе издадат свои дигитални валути во следните 3 години, покажува истражувањето на Банката за меѓународни порамнувања.
– Уделот на готовинските трансакции е значително намален. Потезите што сега ги започнуваме се подготовка за промена, рече претставник на БОК на прес-конференција.