Оваа вест кажува многу: Али Бабаџан, поранешен министер за финансии и долгогодишен соработник на турскиот претседател Реџеп Ердоган, објави дека со помош на поранешниот шеф на државата, Абдула Ѓул уште оваа есен ќе формира сопствена партија.
Подготовките веќе биле во напредна фаза и во моментов се договараат последните детали, се „шушка“ од опкружувањето на основачите на новата партија.
Зошто се оддалечуваат од Ердоган?
Кој го познава Бабаџан, знае колку прецизен е овој човек – пред да објави нешто јавно, тој прецизно развива и проверува се до најмала подробност. Бабаџан е најпознат по неговото раководство во областа на економската политика. Затоа, не е ни чудо што објавувањето на новата партија, што ја подготвува, предизвика голем интерес. Многумина се убедени дека Бабаџан ќе ја заврши ерата на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП). Други дури веруваат дека тој има квалитети потребни за да стане претседател на Турција.
Меѓу коосновачите на партијата се и други добро познати турски политичари. На пример Садулах Ергин, поранешен министер за правда, кој за време на мандатот стана иницијатор на пакет со демократски реформи. Или Бесир Аталај, кој учествуваше во мировните разговори со Курдите. Последно, но не и најмалку важно, поранешниот претседател на Уставниот суд, Хашим Калач, како и поранешниот министер за економија, Мехмет Шимшек.
За да разбереме зошто споменатите политичари се дистанцираат од Ердоган и ја преземат иницијативата во свои раце, треба да се вратиме неколку години назад – на протестите од паркот „Гези“ во 2013. Своевремено, само малкумина обрнаа внимание на фактот дека некои турски политичари зазедоа значително поумерени позиции од оние на турскиот претседател. Меѓу демонстрантите имаше и многу деца на политичари од владејачката АКП. Нивните татковци сигурно се надеваа на помек став, но не се осмелија да го изразат своето незадоволство. И така, сè беше скриено, и покрај значителните разлики во мислењата.
Големиот недостаток
Токму тука се крие најсериозен недостаток на партијата на Бабаџан, тврди турски политиколог, кој побарал анонимност. Дури и за време на најголемите кризи, Бабаџан не изразува никаква критика – и верно го следи курсот на Ердоган. Истото важи и за голем број други коосновачи на новата партија. Токму поради тоа таа се обидува да привлече нови, необременети од минатото личности, меѓу кои и неколкумина интелектуалци од странство.
Набљудувач, кој внимателно го следи создавањето на новата партија, предвидува подготвеност на Бабаџан за самокритичност, но тврди дека има нешто што е далеку поважно: постоењето на јасна визија за иднината, која би требало да го содржи токму спротивното, од она што владејачката АКП го прави во последниве седум години.
Воопшто немаше да дојде до сегашната економска криза, ако своевремено Бабаџан ги „протнеше“ плановите за финансиско регулирање, тврди експертот, чие име не се споменува од ДВ поради безбедносни причини. Кога работеше на овие планови во улога на министер за финансии, Бабаџан постојано беше попречуван од Ердоган. На крајот, проектот му беше целосно блокиран, но и овој пат Бабаџан не изрази гнев, туку едноставно премина кон вообичаените обврски.
Бабаџан има слава на умерен и вреден визионер. Но, многумина го критикуваат за тоа што тој мораше да покаже поголема храброст во тоа време. Покрај тоа, тој имаше важни позиции во партијата и во владата во времето кога во Турција се уништуваше демократијата. Бабаџан никогаш не се спротивставил, ниту пак се откажа од партиската книшка.
На изборите во 2023 година, партијата на Бабаџан сигурно ќе игра важна улога – како алтернатива на владејачката АКП. Но, пред да се упати кон иднината, новата формација ќе мора да го објасни својот став кон неодамнешното минато.
Мурат Сабунчу, ДВ