Одгледувањето на микрозеленчукот станува сѐ поголем тренд во светот. Тоа се всушност млади изданоци од зеленчук, а висината на билките за време на бербата е од 2,5 до 10 см, во зависност од видот.
Овој млад зеленчук има интензивен вкус, се карактеризира со сочност и висока содржина на корисни материи. Мала количина микрозеленчук содржи многу витамини, минерали, влакна, амино киселини, хлорофил и белковини.
Микрозеленчукот има 4 до 40 пати повеќе хранливи материи од класичниот зеленчук и има големо влијание врз исфрлањето на отровите (пестициди, тешки метали) од организмот и зајакнување на имунитетот.
Поради содржината на корисни материи и фантастичниот вкус, сè повеќе е баран во гастрономијата. Може да се одгледува само еден вид, а може и мешавина на микрозеленчуци.
И во Македонија се повеќе се зголемува интересот за одгледување микрозеленчук. Агротим разговараше со Сања Бачевски, дипломиран инженер по хортикултура и мастер за заштита на растенија, која веќе подолго време е посветена на одгледувањето на микробилки.
Сања живее во Охрид, а доаѓа од Лесковац, Србија, каде што 20-на години се занимавала со хортикултура. Ја прашавме како дошла до идеја да се посвети на одгледувањето микрозеленчук.