Под мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“, децатa од цела Македонија во бадникови поворки пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ го најавија Христовото раѓање.
– Бадниковите поворки и во 2025 година ќе внесат весела празнична атмосфера во домовите на сите православни христијани, ширум земјава и странство. Затоа, ајде сите заедно да ја пренесеме божикната радост во секој град, секое населено место, во секој дом и да го почувствуваме благословот на Христовото раѓање, повикаа од Здружението „Бадникови поворки“.
Во Скопје Бадниковата поворка започна пред Музејот на Град Скопје, низ улицата „Македонија“, а заврши на Плоштадот во Скопје, каде што се одржа голем Божикен концерт, како и креативни работилници за децата.
Бадникова поворка беше организирана и во Битола каде над пет илјади деца со Божиќни ѕвезди во рацете го најавија големиот христијански празник, Христовото раѓање Божиќ. Пооворка заврши пред Офицерски дом каде настапија црковниот хор Свети Спилијан и деца учесници на Бадниковата поворка.
Поворката по осми пат се организираше во Кавадарци, а децата чекореа од црквата „Света Петка“, преку централното подрачје, до плоштадот, каде што се наоѓа општинската зграда.
Бадникова поворка од соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ до централниот плоштад имало и во Тетово, каде што на крајната дестинација имало настап на детски хорови и на културно-уметнички друштва.
Поворката во Струмица ја организираше фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј”, и со поддршка на Општина Струмица. На плоштадот „Гоце Делчев“, каде што се собрале децата, исто така имало културно-уметничка програма.
Поворката од околу седумстотини деца имало и во Крива Паланка. Децата тргнале од плоштадот „Карпошово востание” пред општината, се движеле низ централната градска улица, сѐ до плоштадот.