Бафет ги урна акциите на најголемиот кинески производител на електрични возила

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Познатиот американски инвеститор и сопственик на компанијата „Berkshire Hathaway“, Ворен Бафет, ненамерно влијаеше на значителниот пад на акциите на најголемата компанија за е-возила во Кина – „BYD“.

Акциите на „BYD“ на берзата во Хонг Конг денеска паднаа, откако Бафет, односно неговата компанија го намали уделот во водечкиот кинески производител на електрични автомобили.

Еден од менаџерите на фондовите рече дека тоа „може да биде предупредувачки знак дека ќе има уште слични потези“.

Иако „Berkshire Hathaway“ малку го намали својот удел – од 20,04 проценти на 19,92 проценти – акциите на BYD потонаа за повеќе од 12% за време на тргувањето во средата.

Тие беа најлошите резултати на Hang Seng индексот, според податоците на Refinitiv. Истите акции, пак, скокнаа за повеќе од 600% во последните десет години.

Според пријавата објавена на берзата во Хонг Конг, „Berkshire“ продал 1,33 милиони акции на „BYD“ за околу 47 милиони долари; конгломератот сега поседува 218,7 милиони акции.

– Ова е вообичаен тренд за инвеститорите кои почнуваат да повлекуваат готовина од пазарот – изјави Јанг Лиу, претседател на Atlantis Investment и главен директор за инвестиции, пишува CNBC.

Патем, претходно оваа недела, BYD објави силни бројки за првата половина на 2020 година, со нето приход од вкупно 3,6 милијарди јуани (521 милиони долари) во периодот, тројно зголемување од една година порано.

На прашањето што значи тоа за кинескиот пазар на електрични возила, Лиу рече дека најновиот потег на компанијата на Бафет може да биде „знак за предупредување дека пазарот ќе претрпи голема корекција“.

Слични содржини