Бахреин одобри кинеска вакцина против коронавирус

од Vladimir Zorba
338 прегледи

Бахреин објави дека одобри употреба на кинеска вакцина против коронавирус, откако претходно ја одобри вакцината изработена од американската компанија „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бајонтек“, пренесе агенцијата АП.

Државната новинска агенција на Бахреин објави дека вакцината на кинеската национална фармацевтска група „Синофарм“ ќе биде достапна во ова островско кралство на јужниот брег на Персискиот Залив во близина на Саудиска Арабија.

Синофарм е одобрен за употреба во итни случаи во неколку земји, а компанијата продолжува да спроведува доцни фази на клинички испитувања во 10 земји.

Бахреин соопшти дека повеќе од 7.700 лица се пријавиле да учествуваат во испитувањето на вакцините.

Министерството за здравство на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на 9 декември објави дека вакцината на групацијата „Синофарм“ има ефикасност од 86 проценти. Во соопштението се вели дека вакцината е официјално регистрирана, но не се наведени повеќе детали.

ОАЕ и Синофарм не ги пријавија резултатите од претходните фази на испитувањето за вакцини.

Во јули, Емиратите ја започнаа третата фаза на клинички испитувања на лекот, развиен од Институтот за биолошки производи во Пекинг, кој работи како дел од Синофарм.

Не е наведено дали има несакани ефекти, колку учесници на тестот се разболеле или колку доброволци примиле вакцина или плацебо.

На 4 декември, веднаш по Велика Британија, Бахреин одобри употреба на вакцините на „Фајзер“ и „Бајонтек“.

Слични содржини