Новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден изјави дека Дејтонскиот мировен договор донесе мир во БиХ, но дека „работата за унапредување на правдата, помирувањето и функционалната мултиетничка БиХ не е завршена“.
Бајден изјави дека 25 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор е можност за сите страни да размислат за можноста за посветла иднина и да посветат, како што рече, тешки, но неопходни чекори за градење на целосно функционална БиХ за сите граѓани.
„Како претседател, со нетрпение очекувам да соработувам со меѓународната заедница и народите во БиХ за конечно да ги исполнам ветувањата на Дејтонскиот договор, а тоа е прогресивна, праведна и демократска БиХ во срцето на Европа, цела, слободна и мирна“, рекол Бајден.
Во изјавата, новоизбраниот американски претседател изјавил дека се приклучува кон меѓународната заедница и населението на БиХ во одбележувањето на 25-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот договор, со кој, како што наведува, стави крај на најлошите вооружени конфликти во Европа од Втората светска војна.
Тој посочи дека напорите на мировниците се слават денес и дека тој жали за загубата на околу 100.000 животи и раселување на неколку милиони луѓе, објави телевизиската мрежа ВДТН.
„Дејтонскиот договор донесе мир во БиХ и ги потврди нејзиниот суверенитет, територијалниот интегритет и независност. Сепак, четвртина век подоцна, јасно е дека работата за унапредување на правдата, помирувањето и функционалната мултиетничка БиХ не е завршена. Премногу често, гледаме победа на национализмот над националните интереси и збогатување на неколкумина пред реформите од кои многумина ќе имаат корист“, рече Бајден.