Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска го отвори дводневниоѕ виртуелен самит за демократија и на почетокот рече дека ситуацијата е алармантна во однос на глобалниот пад на демократските институции.
„Демократијата не се случува случајно. Мораме да ја обновуваме со секоја нова генерација. Според мене, тоа е предизвикот на нашето време“, рече Бајден.
Тој не именуваше ниту една земја, но забележливо е отсуството на Кина и Русија од самитот, пренесува Ројтерс.
Американскиот претседател ги повика лидерите на земјите учеснички да ги удвојат напорите за зајакнување на демократијата.
Бајден зборуваше и за неговата политичка борба за постигнување на усвојување на законот за избирачко право, како и за предизвиците со кои се соочуваат САД во однос на демократските институции, пренесува Гласот на Америка.
„Работата е итна. Податоците ни кажуваат дека одиме во погрешна насока“, рече Бајден.
На виртуелниот Самит за демократија се поканети повеќе од 100 светски лидери, меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Самитот за демократија ги собира светските лидери, граѓанското општество и приватниот сектор со цел, како што се наведува, да ја усвои агендата за обновување на демократијата и заеднички да ги реши најголемите проблеми со кои се соочуваат демократиите денес.
Дводневниот самит е дел од агендата на Бајден за зајакнување на демократијата ширум светот во време кога се вели дека се зајакнуваат автократските режими.