Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ги потпиша Протоколите усвоени во Сенатот за поддршка на приемот на Шведска и Финска во НАТО.
Бајден, како што јави Си-Ен-Ен, во Белата куќа пред да ги потпише документите изјавил дека рускиот претседател Владимир Путин згрешил ако мислел дека може да донесе раздор меѓу западните сојузници.
„Нашиот сојуз е поблизок и посилен од кога било и пообединет од кога било, а по влезот на Финска и Шведска ќе бидеме посилни од кога било“, рекол Бајден, а пренесува американската телевизија.
Минатата недела Сенатот го поддржа влезот на Шведска и Финска во НАТО со 95 гласа за и еден против.
Влезот на Шведска и Финска во НАТО и понатаму е блокиран од Турција, која бара двете земји да ги исполнат барањата на Анкара поврзани со прекинот на поддршката за курдските организации кои Турција ги смета за терористички.
Турскиот министер за правда Бекир Боздак изјави во неделата дека Турција нема да го поддржи приемот на Шведска и Финска во НАТО додека тие земји не ги исполнат своите обврски во врска со борбата против тероризмот, изјави турскиот министер за правда Бекир Боздак.
„Погрешно е да се очекува позитивна одлука од Турција во однос на поддршката за членството на нордиските земји, додека тие не си го одржат зборот“, изјави Боздак за ТВ Акит, пренесе ТАСС.
За прифаќање на секоја нова земја во НАТО потребна е согласност од сите земји-членки.