Бајден го осуди повторното оживување на исламофобијата во ек на војната меѓу Израел и Хамас

„Ги препознаваме насилството и омразата со кои често се соочуваат муслиманите во светот поради своите религиски убедувања и повторниот подем на исламофобијата во ек на разорната војна во Газа,“ вели тој.

од Бети Божиноска

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го осуди, како што рече, грдиот повторен подем на исламофобијата од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, пренесува „Џерусалем пост“.

Ова е дел од негоавата изјава по повод – Меѓународниот ден за борба против исламофобијата, воспоставен на 15 март 2022 година од страна на ОН на годишнината од нападите во џамијата во Крајстчерч, Нов Зеланд, во 2019 година, во кои беа убиени 51 лице за време на петочната молитва.

„Ги препознаваме насилството и омразата со кои често се соочуваат муслиманите во светот поради своите религиски убедувања и повторниот подем на исламофобијата во ек на разорната војна во Газа“, се вели во изјавата на Бајден објавена од Белата куќа.

„Исламофобијата нема место во нашата нација. Сепак, муслиманите во САД често трпат неосновано заплашување, бесрамна дискриминација, вознемирување и насилство во секојдневниот живот“, вели Бајден.

Инцидентите во САД кои го активираа алармот ги вклучуваат фаталното прободување со нож на 6-годишното палестинско-американско момче Вадеа Ал-Фајум во Илиноис во октомври, ноемвриското пукање во тројца студенти од палестинско потекло во Вермонт и прободувањето со нож на палестински Американец во Тексас во февруари.

Слични содржини