Американскиот претседател Џозеф Бајден потврди дека го предупредил рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе плати „висока цена“ и ќе се соочи со катастрофални економски последици доколку ја нападне Украина.
Бајден им рече на новинарите дека можноста за испраќање американски копнени трупи во Украина во случај на руска инвазија „не била на дневен ред“, иако од Соединетите Држави и НАТО ќе биде побарано да испратат повеќе војници на источните граници на НАТО за да се зајакне линијата на одбраната, пренесува Ројтерс.
– Апсолутно јасно му ставив до знаење на претседателот Путин… дека, ако оди во Украина, економските последици за руската економија ќе бидат поразителни…погубни – рече Бајден, пренесува Танјуг.
Американскиот претседател, кој минатата недела два часа разговараше телефонски со Путин, рече дека јасно му кажал на рускиот лидер дека позицијата на Русија во светот „значително ќе се промени“ во случај на инвазија на Украина.
Г7 испрати слично предупредување
По министерскиот состанок во Ливерпул, министрите за надворешни работи на Групата седум најбогати демократии вчера ја повикаа Москва да се врати на преговарачка маса и испратија слична порака до Москва, предупредувајќи на „страшни“ последици во случај на руска инвазија на Украина.
Украина ја обвини Русија дека собрала десетици илјади војници како подготовка за можна воена офанзива од големи размери, но Москва негира дека планира каков било напад и ги обвинува Украина и САД за поттикнување нестабилност, велејќи дека на Русија и се потребни безбедносни гаранции за сопствена заштита.
Минатата недела Бајден им вети на членките на НАТО од Централна Европа поголема воена поддршка во услови на зголемена загриженост за зголемувањето на руските војници, за кои стравува дека може да доведе до резултати слични на руската анексија на Крим во 2014 година, рече советникот на литванскиот претседател.