Американскиот претседател Џозеф Бајден потврди дека разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг за Тајван и дека тие се согласиле да се придржуваат кон тајванскиот договор, откако тензиите меѓу Тајпеј и Пекинг се зголемени.
„Разговарав со Си за Тајван. Се согласуваме, ќе го почитуваме тајванскиот договор. Ние јасно ставивме до знаење дека не мислиме дека треба да се направи нешто друго освен да се придржуваме кон договорот“, рече американскиот претседател во вторникот, цитиран од Ројтерс.
Во таа изјава, се верува дека Бајден се повикува на долгогодишната политика на Вашингтон за „една Кина“, според која САД официјално го признаваат Пекинг, а не Тајпеј и Законот за односи со Тајван, со што е јасно ставено до знаење дека одлуката на САД да воспостави дипломатски врски со Пекинг наместо со Тајван, се потпира на очекувањата дека иднината на островот ќе се одреди мирно.
Тајпеј извести за 148 авиони на кинеските воздухопловни сили во јужниот и југозападниот дел на својата зона за воздушна одбрана во текот на четиридневниот период, почнувајќи од петокот, истиот ден кога Кина го одбележа главниот празник, Денот на државноста.
Вашингтон во неделата ја повика Кина да ги прекине воените активности во близина на Тајван.
„Соединетите држави се многу загрижени за провокативната воена активност на Кина во близина на Тајван, која дестабилизира, ризикува погрешни проценки и го поткопува регионалниот мир и стабилност“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Тензиите околу Тајван се зголемија во последните години, а Пекинг не ја отфрли употребата на сила за враќање на Островот, за кој смета дека е негова суверена територија.