Бајден и Си се согласуваат дека ривалството не треба да се претвори во конфликт

од Vladimir Zorba
233 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден телефонски разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг, а двајцата лидери ја истакнаа потребата да се избегне ривалството меѓу најголемите светски економии да ескалира во конфликт, соопшти Белата куќа.

Како што беше наведено, двајцата лидери вчера имаа широка дискусија, во текот на 90 минути разговори, за стратешките прашања, кои вклучуваа области каде што има заеднички интереси, како и оние каде што има несогласувања меѓу двете земји, пренесе Ројтерс.

„Претседателот Бајден ја истакна посветеноста на САД за мир, стабилност и просперитет во Индо-Пацификот и во целиот свет, и двајцата лидери разговараа за одговорноста на двете страни да се осигураат дека конкуренцијата меѓу двете земји нема да ескалира во конфликт“, се вели во соопштението.

Исто така, беше кажано дека разговорот бил фокусиран на економски прашања, климатски промени и пандемијата „Ковид-19“.

Кинеските државни медиуми објавија дека разговорот бил „искрен“ и „сеопфатен“ и нагласија дека претседателот Си рекол дека американската политика кон Кина во голема мера ги оптоварува односите меѓу двете земји.

Според овој извештај, двете страни се согласиле да одржуваат чести контакти и дека тимовите на оперативно ниво исто така ја интензивираат комуникацијата.

Повремените средби на високо ниво од првиот телефонски разговор на Си и Бајден во февруари донесоа мал напредок во голем број прашања, од климатските промени до човековите права и транспарентноста на истрагата за потеклото на коронавирусот.

Оттогаш, двете земји речиси постојано разменуваа обвинувања, при што официјални претставници се санкционираа и ја критикуваа другата страна за неисполнување на меѓународните обврски.

Слични содржини