Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави синоќа дека го предупредил рускиот претседател Владимир Путин дека Москва ќе се соочи со тешки економски последици доколку се обиде да ја нападне Украина, но вети наскоро средба меѓу Русија и сојузниците во НАТО за да се реши загриженоста на Кремљ за проширувањето на НАТО. Бајден изјави дека бил „многу отворен“ со Путин за време на вчерашниот разговор.
-Сигурен сум дека ја разбра мојата порака, изјави Бајден пред Белата куќа пред да замине за Канзас Сити.
На прашањето од новинарите дали ќе ја вклучи американската војска на терен за да ја запре Русија, Бајден рече дека опцијата „не е на маса“ и дека заложбите на САД да ги заштитат сојузниците во НАТО не се однесуваат на Украина, која не е во Атлантската алијанса.
Бајден рече дека САД, нивните сојузници и Русија треба да седнат и да разговараат за жалбите на Москва за проширувањето на НАТО.
-Се надеваме дека ќе можеме да објавиме состанок на високо ниво до петок, најмалку четири главни членки на НАТО со Русија како би разговарале за загриженоста на Русија во врска со проширувањето на НАТО и што можеме да направиме за да ги намалиме температурите долж Источниот фронт (во Украина), рече Бајден.
Путин вети дека Москва за неколку дена ќе ги испрати своите предлози за решавање на безбедносните прашања до САД. Тој повтори дека не планира напад на Украина, но рече дека Москва не може да остане рамнодушна на можното проширување на НАТО.