Бајден: Израел се согласи да дозволи помош од Египет да влезе во Газа

од Radmila Tasevska

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска потврди дека Израел се согласил да дозволи проток на хуманитарна помош од Египет во Газа, со тоа што таа помош ќе биде предмет на инспекции и ќе биде за цивили, а не борците на Хамас.

Во обраќањето од Тел Авив тој ја предупреди земјата „да не дозволи нејзиниот гнев целосно да ја проголта“.

Израел ги прекина сите достави на храна, гориво и вода во Газа по терористичкиот напад на Хамас пред 12 дена. Медијаторите се обидуваат во малата густо населена палестинска област, која сега е под израелска опсада, да влезе помош која им е итно потребна на цивилите, болниците и хуманитарните организации.

Бајден рече дека разговарал со израелската влада за да се „согласи да се испорача хуманитарна помош во Газа, наменета за спасување на животите на цивилите“.

– Да бидам јасен, ако Хамас ја пренасочи или украде оваа помош, тој уште еднаш ќе покаже дека не води сметка за благосостојбата на палестинскиот народ, нагласи американскиот претседател.

Појасот Газа е под политичка управа на Хамас.

Бајден, исто така, рече дека дополнителни 100 милиони долари хуманитарна помош ќе бидат обезбедени за Газа и Западниот Брег.

Слични содржини