Претседателот на САД, Џо Бајден, официјално ќе го признае масакрот врз Ерменците како акт на геноцид, за кој Отоманската империја беше одговорна за време на Првата светска војна, соопштија извори во средата, што ќе ја налути Турција и ќе предизвика дополнителни судири со САД, објави „Wall Street Journal“.
Овој потег во голема мерка се смета за симболичен, но ќе значи промена во однос на децениите внимателно избран вокабулар од Белата куќа и доаѓа во време кога Анкара и Вашингтон се длабоко во расправија за голем број прашања.
Бајден најверојатно ќе го употреби зборот „геноцид“, како дел од изјавата на 24 април, кога ќе се одржи годишното одбележување на жртвите од целиот свет, пренесуваат американските медиуми.
Извор на Ројтерс посочи дека, со оглед на важноста на односите меѓу Турција и САД, можно е Бајден да се предомисли во последен момент.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки во средата изјави дека претседателската резиденција веројатно ќе има што повеќе да каже за ова прашање во сабота, но таа не сакаше да даде повеќе детали.