Бајден му вети на Зеленски: Украина ќе добие уште 500 милиони долари од САД

од Nikola Popovski
241 прегледи

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска телефонски разговараше со американскиот претседател Џозеф Бајден, кој ѝ вети на Украина, меѓу другото, уште 500 милиони американски долари во форма на „директна буџетска помош“.

Во денешниот разговор меѓу Бајден и Зеленски, кој, како што истакнува Зеленски, траел еден час, Бајден ѝ ветил на Украина дополнителна финансиска помош во износ од 500 милиони американски долари.

Според соопштението на Белата куќа, претседателите на Украина и на САД разговарале и за „континуираните напори на САД и нивните сојузници во обезбедувањето воена, економска и хуманитарна помош за Украина“.

„Покрај тоа, претседателот Бајден го информираше претседателот Зеленски дека САД имаат намера да обезбедат 500 милиони долари директна буџетска помош за украинската влада. Тој, исто така, разговараше за дополнителни санкции и хуманитарна помош, кои беа објавени минатата недела“, се вели во соопштението на Белата куќа, во кое се додава дека Зеленски го информирал Бајден и за статусот на преговорите на Украина со Русија.

Веднаш по објавувањето на Белата куќа, самиот Зеленски на Твитер го опиша разговорот со Бајден:

„Само што го завршив едночасовниот разговор со Бајден. Споделивме анализи за ситуацијата на бојното поле и на преговарачката маса. Разговаравме и за конкретна одбранбена поддршка, нов пакет зголемени санкции, микрофинансирање и хуманитарна помош“, напиша украинскиот претседател.

Фото:  POOL / Getty images / Profimedia

Слични содржини