Американскиот претседател Џо Бајден најави дека оваа недела ќе разговара со другите лидери на Г7 за потенцијалните дополнителни санкции против Русија поради нејзината војна во Украина, пренесува „Ројтерс“.
„Секогаш сме отворени за дополнителни санкции. Ќе разговарам со членките на Г7 оваа недела за тоа што ќе правиме“, рече Бајден одговарајќи на прашања на новинарите за плановите на САД, откако Европската унија во средата предложи најстроги санкции против Москва.
Новите мерки предложени од ЕУ вклучуваат ембарго за увоз на руска нафта за шест месеци, санкции против руски банки и забрана за емитување на руските медиуми.