Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа објави дека САД воведуваат обемни финансиски санкции против руски банки и олигарси, наведувајќи дека Москва флагрантно го прекршила меѓународното право, како што рече, со започнувањето на инвазијата на Украина.
Никој од нас нема да биде измамен со тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин за Украина, рече американскиот претседател во обраќањето од Белата куќа и посочи дека чекаат дополнителни санкции доколку Путин продолжи вака.
Тој додаде дека воведува тешки санкции за државниот долг на Русија, што значи отсекување на руската влада од пристапот до западното финансирање.
Бајден, исто така, рече дека се преместуваат дополнителни американски војници во балтичките земји на источното крило на НАТО што граничи со Украина.
„Го одобрив прераспоредувањето на американските сили веќе распоредени во Европа за зајакнување на нашите балтички сојузници, Естонија, Летонија и Литванија“, додаде американскиот претседател.
Тој најави дека САД ќе продолжат да ја снабдуваат Украина со „одбранбено“ оружје и рече дека „се уште има време да се избегне најлошото“.
Со новите санкции, американскиот претседател се приклучи на Европската унија, чии 27 земји-членки денеска едногласно се согласија да го воведат првиот сет на санкции против руските претставници поради нивните дејствија околу Украина.