Бајден нанесе нов удар на Русија: САД воведува забрана за увоз на руска нафта и гас

од Vladimir Zorba
170 прегледи

Првиот човек на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден и се обрати на нацијата во врска со ситуацијата во Украина.

Како што претходно беше најавено, претседателот на САД при своето обраќање треба да ги соопшти најновите мерки против Русија, што и го направи.

На почетокот на своето обраќање тој рече дека се воведува забрана за увоз на руска нафта и гас и други извори на енергија во САД.

„Тоа значи дека руската нафта повеќе нема да пристигнува во американските пристаништа, а нашите граѓани ќе нанесат уште еден силен удар на воената машинерија на Путин“, рече Бајден.

Тој рече дека оваа одлука има силна поддршка во Конгресот, а како што рече верува и кај народот.

Бајден посочи дека одлуката е донесена по консултации со партнерите ширум светот, особено во Европа.

– Обединетиот одговор на агресијата на Путин беше мојот фокус, сите мора да бидеме обединети – рече Бајден, додавајќи дека одлуката е донесена иако САД се свесни дека многу европски партнери нема да можат да ја следат Америка во оваа одлука.

– Произведуваме повеќе нафта од сите европски земји заедно. Затоа ние можеме да го направиме ова, а тие не – рече Бајден.

Претседателот на САД рече дека ќе работи со партнерите за да им олесни да не бидат толку зависни од руската енергија.

Бајден истакна дека со украинскиот претседател Зеленски во изминатите неколку дена се слушал неколку пати, но и со други лидери.

„Досега дадовме повеќе од милијарда долари поддршка за Украина“, рече Бајден.

Тој посочи дека на Украина и се дава поддршка во оружје, но и хуманитарна поддршка во форма на вода, храна и други потреби.

Слични содржини