САД неделава ќе испратат уште 2.000 војници во Источна Европа, како одговор на акумулацијата на руската армија недалеку од Украина, одобри американскиот претседател Џозеф Бајден.
Војниците ќе бидат испратени од Форт Брег во Северна Каролина во Полска и Германија, а уште 1.000 војници ќе бидат префрлени од Германија во Романија.
Москва негира дека планира да ја нападне Украина, но распоредила околу 100.000 војници недалеку од границата со таа земја.
Според Би-Би-Си, Русија силно се противи на влезот на Украина во НАТО.
Последната криза доаѓа осум години откако Русија го анектираше полуостровот Крим и ги поддржа бунтовниците во источниот украински регион Донбас.
Москва ја обвинува украинската влада дека не го исполнува меѓународниот договор кој требаше да го врати мирот на истокот. Во Донбас бунтовниците кои имаат поддршка од Русија контролираат делови од територијата, а од 2014 година во конфликтите загинаа најмалку 14.000 луѓе.
Како што се наведува, новите американски војници кои доаѓаат во Европа нема да се борат во Украина, туку ќе ги поддржат американските сојузници.
Ова засилување е дополнето на 8.500 војници кои Пентагон ги стави во подготвеност доколку е потребно да бидат распоредени во Европа.