Бајден нареди декласификација на документите од 11 септември

од Nikola Popovski

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска потпиша указ со кој се наложува отстранување на ознаката за доверливост од одредени документи од истрагата на ФБИ во врска со терористичките напади на 11 септември 2001 година. Тој во изјавата потсети дека се обврзал во претседателската кампања да обезбеди транспарентност во врска со декласификацијата на документите и додаде дека со почит ќе се ангажира со семејствата на жртвите, пренесува Ројтерс.

Уредбата, издадена нешто повеќе од една недела пред 20-годишнината од нападите на терористичката мрежа Ал Каеда врз Њујорк и Вашингтон, означува значаен момент во долготрајната битка меѓу владата и семејствата на жртвите за тоа кои доверливи информации би можеле да бидат објавени.

Конфликтот кулминираше минатиот месец кога околу 1.800 преживеани, членови на семејствата на загинатите и членови на итните служби се спротивставија на учеството на Бајден во одбележувањето на годишнината доколку документите останат доверливи.

„Значајните настани за кои се работи се случија пред две децении и претставуваат трагичен момент што продолжува да одекнува во американската историја и во животот на многу Американци. Затоа е клучно за американската влада да обезбеди максимална транспарентност, потпирајќи се на класификацијата само кога е соодветно и неопходно “, се наведува во указот.

Со ова, Бајден нареди Министерството за правда и другите извршни судски служби да започнат со проверка на доверливоста на документите, како и документите од кои е отстранета ознаката за тајност да бидат објавени во следните шест месеци.

Слични содржини