„Од Влада со способни кадри до испорачување на крајно неспособни поединци“: На што се должи најтешкиот пораз на СДСМ?

од Nikola Popovski

Многу негативни конотации и оценки за исходот на СДСМ на парламентарните избори. Безмалку траор и барање на грешките по поразот по завршување на изборите и броење на гласачките ливчиња. Партијата го доживеа најтешкиот пораз во историјата откако освои само 153.250 гласови или преточено во пратеници само 18 мандати. Во споредба со минатите парламентарни избори, кога Зоран Заев ја предводеше партијата, СДСМ има изгубено над 174 илјади гласови, додека во споредба со 2016, партијата изгубила над 283 илјади. Претседателот на СДСМ екс-премиер Димитар Ковачевски синоќа не си даде оставка по тешкиот пораз на парламентарните избори, но најави длабоки кадровски промени во партијата и избор на нов претседател. Во меѓувреме, двајцата од потпретседателите Фатмир Битиќи и Перо Костадинов веќе најавија повлекување. Оттаму остануваат неколку прашања што висат над партијата од „Бихаќка“, од кои најважни се на што се должи големиот пад и што понатаму за едната од двете најголеми партии во земјава?

Дел од аналитичарите сметаат дека ниту во ВМРО-ДПМНЕ не очекуваа таков дебакл на својот политички ривал. Новинарот и политички аналитичар, Зоран Иванов посочува дека се покажаа точни предизборните анкети, а тие беа и добар индикатор за тоа што на изборите ги чека СДСМ. Сепак Иванов оценува дека партијата овие факти ги игнорираше.

Зоран Иванов

-Ги игнорираше и индикациите од ланските средби со граѓаните, т.н. „црвени елеци“ на кои практично немаше никаков одзив дури ниту од поддржувачите што укажуваше дека и партиското членство не е баш задоволно од кадровскиот состав на актуелното партиско раководство, вели Иванов за „Локално“.

Згора на тоа, Иванов објаснува дека ДУИ со хировите и со неколкуте афери околу бизнисите за СДСМ исто така ѝ беа предизборен камен околу вратот на партијата на Ковачевски.

-Натаму, тие 78% и измените во Кривичниот законик, теми што ги поддржа и ДПМНЕ, но од кои вешто се извлече, паднаа врз товарот на СДСМ, потоа кризата со патните документи, претходното лошо менаџирање со појавата на кумановскиот градоначалник и слични внатрешно партиски дребулии. За волја на вистината ова раководство на СДСМ се соочуваше и со силен внатрешнопартиски отпор на дел од влијателни членови, особено поранешни високи партиски и државни функционери и посебно на темата за уставните промени, односно да или не за Бугарите во уставот. Тој тивок национализам кој вирее ете дури и во СДСМ, смета соговорникот.

Според него, клучна беше и кадровската понуда на изборните листи. За Иванов, СДСМ не постави на врвот од листите нови надежни лица, партиски личности без политичко минато и со авторитет во средините каде што работат и живеат.

-Министрите ем непопуларни ем се наредија за носители на листите или во горните редови, се игнорираа укажувањата на некои аналитичари и проследувачи на политичките состојби дека доколку СДСМ победи тие лица можат пак да бидат министри па, сето заедно, на партијата ѝ го донесе овој досега најслаб резултат, наведува Иванов.

Додава дека сите поголеми партии во овие изминати речиси три и пол декади минувале низ кризи.

-Ќе се крене и СДСМ, секако, во тоа, во наредниве две три години најмногу ќе му помогне ВМРО-ДПМНЕ, кој премногу вети и за рамката француска и гордоста и за корупцијата и за судството и за пензионерите, објаснува новинарот.

За „дебаклот“ на социјалдемократите, говори и аналитичарот Емир Хасановиќ. Според него, секое релативизирање од страна на СДСМ е банално и потенцијално кобно, а секое преголемо славје на ВМРО ДПМНЕ може да чини многу, особено имајќи го предвид солидното етаблирање на ЗНАМ и добриот скор на Левица.

Емир Хасановиќ

Оценува дека СДСМ не изгуби поради ставовите во однос на идентитските прашања, туку загуби затоа што тоа беше се што имаше да понуди.

-СДСМ проактивно ја прокоцка позицијата на најсилен меѓуетнички магнетизам. Ниту еден министер од турската, ромската, бошњачката или македонско муслиманската заедница во текот на цели два мандати доведоа до 0 кредибилитет да се бара гласот на помалите заедници. Воедно, ја загуби шансата за реално етаблирање во албанскиот корпус. Втора шанса за ова нема да има, смета тој.

Хасановиќ наведува и дека СДСМ не загуби затоа што беше проевропска партија туку затоа што го вулгаризираше процесот на европските интеграции.

-Европа на долг рок без понуда за подобар животен стандард на краток рок не е модус кој граѓаните го толерираат повеќе. Терминот „Европа“ не може да биде изговор за се! Впрочем, контрапродуктивно е и за самиот термин според трендот на опаѓање на поддршката за ЕУ, укажува соговорникот.

СДСМ од позиција на влада со исклучително способни кадри уште во првиот мандат, додава тој, го прокоцка својот потенцијал да испорача со разочарување и дистанцирање на една цела плејада на капацитети на сметка на крајно неспособни поединци.

-СДСМ не само што ѝ зададе удар на граѓанската жед за правда и борба против корупцијата туку и произведе кадри кои истата ја гледаа како легитимен начин на политичко функционирање, дециден е Хасановиќ.

Н.П.

Слични содржини