СДСМ во „војна“ со новинарските здруженија и „медиуми блиски до Орбан“: „Постои разлика меѓу професионално и сатанистичко новинарство“

„Промени ќе има, но нереално е веднаш да се забележат“: Новото унгарско раководство не е баш расположено и натаму да третира медиумски пропаганди на Орбан во земјата и надвор

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: ЗНМ

Виктор Орбан ја изгуби власта во Унгарија, а неговото име на големо се спомнува кај македонската политичка сцена, но и медиумската. Повод за тоа се обвинувањата од СДСМ и лидерот на партијата, Венко Филипче дека сега веќе екс-премиерот на Унгарија има големо влијание и удел во дел од медиумите во земјава. Филипче вчера рече дека одредени медиуми, меѓу кои и ТВ Алфа, се во паника по промената на власта во Унгарија и најавите на новата власт за испитување на бизнис-релациите на Виктор Орбан во регионот. Ваквиот наратив веќе подолго време се испраќа од „Бихаќка“.

На ова реагираа новинарските здруженија во Македонија. Сметаат дека  политичарите не смеат да ги користат медиумите како средство на партиско-политичка пресметка. Посочуваат дека доколку кој било чинител во општеството има сомнежи за незаконитости и пропусти во работењето на одредени медиуми, тие треба да ги адресира пред надлежните институции, а не преку јавни политички кампањи против конкретни новинари и медиуми.

Одговарајќи на новинарско прашање за етикетирање на медиумите, Филипче истакна дека паниката кај одредени куќи доаѓа по промената на власта во Унгарија и најавите на новиот унгарски премиер за испитување на бизнис-релациите на Виктор Орбан во регионот.

„Вие сте од телевизија Алфа и ве фаќа малку паника сега кога газдата изгуби власт. Сега се прашувате кој ќе ве финансира за вашите црни кампањи, за вашите лажни кампањи, за вашите кампањи со кои го нарушувате угледот на членови на опозицијата и на мене лично и за тоа прашање ќе се обратите кај Христијан Мицкоски“, рече вчера лидерот на опозицијата.

Во јавноста се поставува дилемата што понатаму со дел од медиумите кои беа под влијание на Орбан и неговата влада. Дел од новинарите во земјава, во принцип, но и од личен принцип, не сакаат да ги напаѓаат медиумите, па и новинарите, колку нивните медиумски продукти и да се некоректни, непринципиелни, па и вулгарни, лажни па дури и да се тие видливо нагласени редакциски конструкции и очигледни нарачки од партиски штабови.

Зоран Иванов/Фото: ТВ 24

„Ги разбирам од опозицијата, од вџашеноста на едно такво, јас го нареков „сатанистичко новинарство“. Но и политичките субјекти треба да знаат дека кога им реагираш на таквата некоректност, топката е секогаш кај медиумот. Тие ја имаат можноста и кондицијата катадневно да се занимаваат со тебе, а ти не си во можност постојана да дежураш за да им да возвраќаш, за да ги демаскираш, да ги демантираш нивните пакости и тоа е картата на која играат корумпираните уредници медиумски сатанисти. Таквите, би рекол, лаборатории на медиумски конструкции, на лажни вести и на клеветнички наративи во служба на политиката, се анти-новинарство и за таквите професионални автори на лаги и клевети местото не им е во новинарството, но лекот е кај сопствениците, а тие пак, си имаат свои лукративни политички или некакви други, веројатно бизнис интереси да го масакрираат политичкиот противник на нивниот партиски налогодавец“, вели новинарот и аналитичар, Зоран Иванов за „Локално“.

Според него, тоа што треба да го загрижува професионалното, етичкото новинарство е фактот што во македонскиот медиумски и новинарски простор има една друга „не појава“ која треба повеќе да загрижува. Како што вели, тоа е инертноста на новинарските здруженија, молкот на Советот за етика во медиумите, глумењето на ЗНМ и ССНМ „дека не се од овде“, дека не ги гледаат и не ги слушаат катадневните анти-новинарски наративи, дека се слепи за медиумскиот линч, за очигледно нарачаните редакциски конструкции за оцрнување на партиските противници на своите штапски налогодавци.

-За овие појави македонските медиумски асоцијации молчат. Молчат за флагрантните појави на анти-новинарство во дел од македонските медиуми, посно во една, две национални телевизии чии информативни програми не произведуваат новинарски продукти туку нивните информативни програми се изродија во инкубатори на конструирани лаги и клевети, тврди Иванов.

За „медиумите под унгарска капа“, соговорникот смета дека промени од политички терен, посебно при вакви радикални промени на властите, во пракса е нереално да се забележат веднаш.

-Да почекаме. Ќе видиме како ќе се однесуваат новите власти во Унгарија на сите тамошни и меѓународни сектори, па и на медиумскиот таму. Како и да е, промени ќе има. Мислам новото унгарско раководство не е баш расположено и натаму да третира пропаганди на Орбан во земјата и надвор било тие да биле директно платени или се реализирале поради некои блиски меѓупартиски и меѓудржавни соработки, оценува Иванов.

Фото: Принтскрин/Фејсбук

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги посочија дека јавното етикетирање и користење на медиумите во политички конфронтации не е во согласност со демократските принципи и слободата на изразување. Според нив, недозволиво е носители на јавни функции да користат дискредитирачка реторика која придонесува за поларизација и може да ја наруши довербата на јавноста во медиумите. Регулаторот нагласува дека доколку постојат сомнежи за евентуални незаконитости или нерегуларности во медиумското работење, тие треба да се пријават пред надлежните институции, наместо да се изнесуваат преку јавни обвинувања.

Воедно, од Агенцијата упатија повик до сите политички субјекти да се придржуваат кон одговорна и конструктивна комуникација и да се воздржат од изјави што можат да создадат притисок врз медиумите или да ја поткопаат довербата во нив.

Од СДСМ, пак, денеска продолжија со ставовите и критиките. Велат дека „сите скокнаа врз Филипче, обвинувајќи го за притисок врз медиумите и „дискредитирачка реторика, иако тој не нападна ниту еден новинар лично, туку говореше исклучиво за сопствеништвото, релациите со Орбан и политичката улога на Алфа ТВ“.

Дополнително, СДСМ ја обвинува јавната комуникација на ЗНМ, ССНМ и АВМУ како селективна, тврдејќи дека претходно нивни пријави за медиумска омраза и кампањи биле игнорирани или отфрлани. Во реторички заострено обраќање, од партијата прашуваат дали истите стандарди ќе се применат и кон новиот унгарски политички контекст, алудирајќи на изјавите на Петер Маѓар за владеењето на Орбан.

„Да потсетиме на фактите што со години ги објавуваат еминентни меѓународни медиуми и истражувачки организации:
Алфа ТВ е мнозински во сопственост на унгарски бизнисмени блиски до Орбан (Петер Шац и поврзани лица). Ова го документираа German Marshall Fund (GMF), OCCRP, Direkt36 и други.

Медиумот беше дел од поширока мрежа што ја купуваа унгарски инвеститори блиски до Орбан во Македонија, со цел да ја поддржуваат ВМРО и Никола Груевски. Денес оваа мрежа опфаќа 40% од вкупната медиумска сцена во Македонија

Постојат сериозни сомнежи за перење пари преку фиктивни реклами, поради што медиумот со години е предмет на постапки пред надлежните институции. Директорот/програмскиот уредник на Алфа ТВ повеќе пати јавно изјавувал дека медиумот ги застапува ставовите и интересите на ВМРО.

Наместо да се занимаваат со овие факти, ЗНМ, ССНМ и АВМУ го бранат медиумот кој, според германските и меѓународните анализи, е дел од пропагандна машина на Орбан на Балканот“, рекоа денеска од партијата на Филипче во своето последно соопштение.

Н.П.

Слични содржини